Тајните на најтаинствената книга на Стариот Завет или зошто Бог е неправеден?

протоереј Игор Рјабко

Kнигата за праведниот Јов нè упатува на една од најтаинствените книги на Стариот Завет, каде што Јов му поставува на Бог прашања, кои Ф.М. Достоевски ги нарекол „проколнати“.

Ако Бог е Добар, тогаш зошто има толку многу зло во светот? Ако Бог е праведен, зошто живееме во царство на целосна неправда? Ако Бог (Љубов) е бесконечен, тогаш Неговата спротивност (Злото) мора да исчезне.

Во книгата Јов, неговите пријатели размислуваат како секој од нас. Тие имаат добро дефинирана логичка низа од цврсти аргументи.

Бог е Врховен судија, праведен, мудар и не прави грешки. Правдата и сезнајноста Божја гарантираат награда за оние кои заслужуваат (награда) и казна за оние кои заслужуваат (казна).

Наградата кај нас се доживува како лична придобивка, радост и среќа, а казната како неволја, страдање и болка. Јов страда и се мачи, значи Бог го казнил.

Заклучок: Ако Јов е казнет од Врховниот судија, тогаш тој е виновен и за ова не може да има никаков сомнеж.

Книгата Јов веднаш нè соочува со навидум нерешлив проблем. Бог вели дека Јов е праведен, чист и побожен. Но, истовремено, тој страда. Тогаш, едното од двете; или Бог постапува со него неправедно, или Јов има некаква вина пред Господа. Се разбира, полесно е да се признае втората претпоставка, на која се засноваат обвинувањата од неговите пријатели. Ајде да ги разгледаме по ред.

Прв аргумент

Бог е праведен и мудар. Да, но дали имаме идеја за тоа, што е Божествена правда и мудрост? На пример: Дали таткото би се сметал за добар, ако дозволи неговото дете да умре, имајќи можност да го спаси? -Не. А, Бог кој дозволил човек да го снајде неволја, имајќи можност да го избави од тоа, дали заради тоа станува „лош“? Исто така: Не. Затоа што, Неговото право да дејствува во однос на која било личност е толку поголемо од нашето, колку што Бог е повисоко од самата личност.

Таткото има право да го казни своето дете, бидејќи знае дека тоа ќе му користи. Тука се манифестира педагошката мудрост на родителот. Но, таткото нема право да го убие своето дете. A, Бог има такво право од едноставна причина: Тој знае многу повеќе од нас. Господ гледа какво страдање ќе му даде на еден или друг човек и какви плодови тоа може да донесе во вечноста. Затоа, нашиот Отец Небесен им дозволува на луѓето да претрпат различни состојби на страдање и Самиот ја одредува временската рамка на животот за секој човек.

Правдата и мудроста Божја далеку ги надминуваат нашите човечки сфаќања за овие особини. Затоа, нашето неразбирање на овие божествени својства се доживува како Божја „неправда“ и „грешка“, од причина што не знаеме што се Божествената правда и мудрост во нивната суштина.

Правдата и мудроста Божја далеку ги надминуваат нашите човечки сфаќања за овие особини.

Ако го погледнеме светот создаден од Бога, ќе видиме дека, дури и на ниво на создавање – во него нема ни сенка од таа правда што често ја сфаќаме како еднаквост. Дали е праведно тоа што сме создадени како луѓе? Зошто Бог ме создал човек, а не ангел? Дали е праведно некои деца да се раѓаат во бедни семејства, а други во семејства на милионери? Зошто некои кучиња ги носат в раце и се грижат како да се нивни деца, а други живеат на ѓубришта и гладуваат. За каква правда може да зборуваме, кога Божјиот Син без вина страда за оние кои се навистина виновни?

Колку и да размислуваме за ова, од гледна точка на човечката логика и нашиот здрав разум, ќе дојдеме до еден несомнен заклучок: Бог, секако, е неправеден. И, всушност, токму на оваа Негова особина се заснова нашата надеж за спасение. Затоа што, ако Бог беше праведен, тогаш речиси никој на Неговиот Суд не ќе можеше да биде оправдан.

Господ не е праведен. Тој е милостив. Но, наместо да Му благодариме за оваа милост, ние продолжуваме да млатиме празна слама и да бараме правда.

Дејствата на Бога во однос на луѓето не се совпаѓаат секогаш со она што, како што ни изгледа, треба да го направи праведниот и мудар Творец на светот.

Не смееме да заборавиме дека сите човечки дефиниции и концепти доаѓаат од нашиот паднат ум. Поради некаква причина, се сметаме себеси за најпаметни на планетата, само затоа што животните никогаш не измислиле тркало, не граделе авиони, не го измислиле телефон итн.

Точно, подобро научивме да ги убиваме и нив и себеси и сѐ што е создадено од Бога. Но, дали ова може да се смета за аргумент во прилог на фактот, дека сме попаметни од другите?

Значи, Божјите постапки во однос на луѓето не се совпаѓаат секогаш со она што, како што ни изгледа, треба да го направи праведниот и мудар Творец на светот. Затоа, не најгрешните се разболуваат и умираат, ниту најумните се најбогати, ниту највиновните страдаат…

Втор аргумент

Јов навистина страда, и тоа не може да се негира. Но, дали може заради тоа да се нарече среќен? Од наша гледна точка, се разбира дека, не. Каква е таа среќа, кога човека го боли сѐ. Но, зошто тогаш Христос ги нарекува среќни (блажени) оние што се гладни, жедни, кои плачат, сиромашните, прогонетите заради вистина? Што е добро во тоа што човек има потреба да јаде и да пие? Да, тој и плаче, очигледно, не заради тоа што животот му е добар. Но, за Бог, според Неговото разбирање, се создава друга слика. Во таа слика, оние луѓе кои сега се чувствуваат многу удобно, добиваат страшно пророштво од Христос: „Тешко вам“ кои сега сте прејадени, богати, кои сега се смеете. Сега уживате. Но, Бог од свои причини размислува поинаку.

Градината напредува, плевелот расте, житото е загрозено од сите страни. Но, Бог ги гледа ангелите, еден од нив стои покрај градината и со кибрит пали оган, во кој ќе гори плевата. А, другиот ангел завршува со градењето на житницата, каде што ќе ги соберат зрната. Господ го гледа лебот, а ние – само тестото. Затоа, имаме различни проценки со него за тоа, што е „добро“ а, што „лошо“. Можеби некогаш ќе разбереме дека Бог, како бескрајно добро, никогаш не коегзистирал со злото. А, тие настани што во времето сме ги чувствувале како зло, за нас всушност, биле добро. Злото е привремено, а доброто – вечно. Бог ни вели: „биди трпелив“ и дозволува злото да ни прави добро. Можеби злото постои на овој свет, затоа што Самиот Бог гледа несомнена корист од неговото влијание врз нас.

Затоа е погрешен заклучокот на пријателите на Јов, бидејќи претходните премиси се базирале на лажни основи. Она што тие го гледаат како казна за Јов, всушност, било негово усовршување. Без овие страдања, Јов немаше да биде праведник, каков што бил во Божјиот план за него. Немаше да ја постигне таа објективна среќа, до која го довеле сите тие искушенија.

Вера и разбирање

Целата тешкотија за прифаќање на горенаведените размислувања не е во областа на разумот, туку во областа на верата. Лесно е човек да се согласува со овие аргументи, додека неговото дете не се разболело од тешка болест. Најтешко е кога викаш кон Бога, кога Го молиш, Го прашуваш, а Тој молчи, како воопшто да не постои. И тоа во време кога ти е најпотребен. Во таков случај, сите наши аргументи на разумот пропаѓаат како куќа изградена на песок. Семејството на свештеник, чии две мали деца изгореле во пожар што ја зафатил нивната куќа, било утешено со видение, како самата Богородица ги држи девојчињата за раце и ги воведува во рајска градина. Но, таквата утеха е многу ретка. Во повеќето случаи, ни останува само да веруваме.

Верата во Бога, која човекот ја има во благосостојба и удобност, не вреди многу. Вредна е само верата што поминала низ оганот на тагите, неволјите и не пропаднала. Светот ќе помине, секое тело ќе отиде в земја, но вечниот Бог и човекот ќе останат. Ако верата и довербата во Бог не умрат во нашите срца и покрај тежината на искушенијата, тогаш ќе може да ги слушнеме зборовите: „Твојата вера те спаси“. Токму за тоа нè поучува книгата Јов.

Извор: https://bit.ly/3IIblQL

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s