Проповед на Лазарова Сабота

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух – Троица света, едносуштна, животворна и неразделна – еден Бог.

Tomb-of-Lazarus„Завршувајќи ја душеполезната Четириесетница, Христе и светата седмица на твоите страдања молиме да ја видиме, за да ги прославиме во неа твоите величија, и неискажливата твоја промисла за нас, едномислено пеејќи ти: Господи слава Ти.“

Зад нас, браќа и сестри во Христа Бога, се шест седмици на Великиот Пост и тоа е всушност е време кое Светата Црква го определила за пост и покајание, за согледување на своите гревови. А во последната седмица Великиот Пост добива малку поинаков карактер: во наредните денови на седмата седмица нашиот духовен фокус го насочуваме кон Христа кој тргнува кон Голгота. Во страстната т.е. страдалната седмица се соживуваме со крстниот пат на Спасителот следејќи го на неговиот трнлив пат до Распетието, за да го доживееме како свое и неговото Воскресение.

Но, пред самиот почеток на страдалната седмица имаме дводневен празник: денешната Сабота во која го празнуваме воскреснувањето на четиридневниот Лазар и утрешната Недела Цветници, во спомен на Христовото влегување во Ерусалим.

Господ Исус Христос го воскреснал Лазар на шест денови пред тој самиот да биде предаден и распнат. Смислата на моментот во кој се случува Лазаревото воскресение е изразена со главната празнична песна, со тропарот во кој пееме:

„Сакајќи сите да ги убедиш во општото Воскресение, пред твоите страдања си го воскреснал Лазар, Христе Боже наш…“

Воскреснувањето на Лазар Црквата го прославува како доказ за Божествената сила на Христос Спасителот и како увереност во Христовото Воскресение и во општото воскресение на сите умрени.

Зашто, „иде часот и дошол веќе, кога мртвите ќе го чујат гласот на Синот Божји и штом го чујат, ќе оживеат.“ (Јн. 5: 25). Овој стих од Светото Евангелие го читаме и на секој Погреб, стоејќи пред покојниот и пред нажалените луѓе собрани околу смртниот одар. Луѓето плачат над покојникот, плачат над смртта која неизбежно нè очекува сите нас, слушајќи ги погребните стихири во кои се вели: „Каква тајна се случува со нас, како се предадовме на распаѓање, како се соединивме со смртта?“ Смртта на блиските освен тага, поттикнува во нас и судбински прашања: „Зарем е можно тоа да е крајот на човекот, зарем за тоа е човекот, тоа ли е човековиот крај и зарем мора да има крај човековиот живот?“

А смртта пред нас како да ни се потсмева в лице, додека го носи својот плен под земја. Луѓето продолжуваат да тажат по ненадоместливата загуба на своите сакани. Така било пред илјадници години, така ќе биде и во иднина. И пред две илјади години две сестри тажеле по својот брат Лазар, со тага голема – колку што била голема и нивната љубов кон него. Лазар веќе четврти ден лежел мртов во гроб. Покрај гробот пристигнал уште еден пријател на покојникот, Господ Исус Христос. Дошол и заплакал.

„Исус просолзи.“ Овие два збора од Евангелието ни покажуваат дека Бог го извршувал спасението на луѓето не студено и рамнодушно, не затоа што бил должен или принуден, туку затоа што сесрдно го сакал тоа. Тие солзи го откриваат внатрешниот, личен свет на Господ Христос: тој го љуби своето творение, тој тагува затоа што смртта го изобличува човекот и раздвојува човек од човек. внесува очај и тага, ги унесреќува луѓето.  Исусовите солзи покажуваат дека Бог го љуби човекот, дека Бог не се сместува во рамките на човечките мисловни системи. Исус просолзи – значи самиот Бог сочувствува со нас, заинтересиран е за нас со длабоко лична, татковска грижа, притоа останувајќи совршен Бог. Исус просолзи – според законот на човечката природа, како Син Човечки, но како Син Божји заповеда и извика: „Лазаре, излези надвор!“

И смртта отстапи пред Животворецот; „оти, како што Отецот има живот во Себе, така Му даде и на Синот да има живот во Себе.“ И смртната темнина беше просветена со Божја светлина. „И излезе умрениот, завиткан во платно по рацете и возете, а лицето забрадено со крпа.“

Звучи неверојатно? Тогаш, останува пророчкото слово од Езекија: „И ќе дознаете, дека јас сум Господ, кога ќе ги отворам вашите гробови и ќе ве изведам вас, мојот народ, од вашите гробови.“ (Ез. 37:13).

Праведниот Лазар живеел уште триесет години како епископ на островот Кипар и повторно се потчинил на законот на овој свет и повторно умрел.

Луѓето кои Христос ги воскреснал сепак не биле воведени во полнотата на животот, туку биле воскреснати како знак на неговата божествена сила. Во нивните вени продолжувала да тече крвта затруена од општочовечката смрт. Со последното Воскресение при Второто Христово Доаѓање тие и сите ние конечно ќе се измениме со последната промена.

Воскреснувајќи го Лазар, Христос дејствувал премудро: и ја покажувал својата невидена власт, и сепак, не ја уништувал смртта со еден потег, со некакво надворешно дејство. Тој делува, а неговите непријатели се преисполнуваат со завист и злоба, и го смислуваат пеколниот план – како да го убијат Исус.

Наскоро потоа Христос е предаден или подобро речено самиот себе се предал и поминал низ спасителните страдања сè до смртта и тоа смрт на Крст. Не однадвор, туку однатре Господ ја раскинал незаситната утроба на адот.

„Преку Лазар, Христос веќе те уништува, смрт, каде е твојата победа!? Со твоето слово, Господи Исусе Христе – Слове Божји, Лазар повторно излегува во живот и луѓето со гранчиња те почитуваат, зашто со твојата смрт на крајот и адот ќе го погубиш“ – амин.

Проповедта е прочитана на Светата Литургија во храмот Свети Николај, во Куманово.

Posted in Проповеди | Напишете коментар

Беседа во Неделата за блудниот син

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух – Троица света, едносуштна, животворна, неразделна – еден Бог.

Денешната подготвителна Недела пред Великиот пост е наречена Недела за блудниот син. Во денешното Евангелие слушавме за заминувањето на еден син од својот татко и за неговото враќање во татковата прегратка.

Синот го побарал својот дел од наследството и таткото му го дал. Тоа било предвремено барање на „својот дел.“ Законски, синот добива дел од наследството по смртта на таткото. Таткото постапил невообичаено и благородно; наместо да го укори синот за дрскоста што бара нследство додека тој е жив, тој му дал на синот дел од имотот што трудољубиво го стекнувал долги години. Му дал необично голема слобода на синот: да оди каде сака, да прави што сака со себе и со парите што му ги дал.

Таткото во оваа евангелска парабола е претставен со карактерни црти кои го прават сличен на небесниот Бог Отец. Тој треба да нè потсети каков е нашиот Отец кој е на Небесата и треба да ни биде образец за татковство на земјата.

Татковската љубов не сака присилно да го задржува своето заблудено чедо и со тоа што му дава слободно да замине, му остава и можност слободно да се врати.

Ризиците на родителската грижа и на воспитувањето се состојат во токму во покажувањето на вистинската љубов и слобода: слобода – да бидеме изневерени во нашите очекувања што ги полагаме во нашите деца и љубов – без уцени да ни биде возвратено онака како што сметаме дека сме заслужиле.

Вистинската родителска љубов мисли за враќањето на своето чедо и кога тоа измамено заминува. За да избегне каква било контрола или контакт со таткото, синот заминал во далечна земја. Парите бргу ги потрошил на развратен живот. Се нашол во тешка положба и страдал од глад.

Кога поарчил сè и кога останал на улица, тој отишол кај еден од новите пријатели во далечната земја, но тој не го примил во својот дом пријателски и братски, туку  сеирџиски го испратил да пасе свињи. Отците велат: колку е суров непријателот на нашето спасение! Тој не го жали човекот. Кога ќе нè пороби со нашите страсти, тогаш започнува да нè упропастува и да нè понижува до крај.

И тогаш блудниот син „си дошол при себе.“ Значи, до тој момент синот не само што бил далеку, надвор од татковиот дом, тој бил и вон себе. Гревот го отуѓува човекот од себе, го  распарчува човекот, прави растројство во човекот, а покајанието го прави човекот присебен и целосен т.е. целомудрен.

Грешникот „станал“ (се вели дека станал зашто пред тоа бил паднат во грев) и тргнал кон својот татко за да побара простување, со зборовите: „Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници.“

Чудесното воспитување со љубов и слобода, необично благородните постапки на таткото не останале без плод. Синот не останал во самоуништувачката дрскост и не паднал во очајание. Синот се сетил на домашниот амбиент и на добриот татко. Синот знаел дека има каде да се врати. Знаел и како треба да се врати.

Гледате, во минатото таткото го вложил во синот тоа чувство дека; „ете; таму е мојот татко, тој ме чека, и знам дека кога ќе отидам ќе можам да разговарам со него. Тој нема пред нос да ми ја тресне вратата, нема да ме отфрли. Но, знам и дека не можам туку-така да се појавам пред него и само да речам: „Еве ме, овде сум! А што направив со парите што ми ги даде – остај, не прашувај!“ Значи, знам дека нема да ме прими ако не ја осознаам и признаам мојата грешка.“

А, таткото, не само што го примил покајаниот син, не само што се сожалил над него, туку и се смилостивил; т.е. бил придвижен со целосна љубов – тој „потрчал (во пресрет на синот), го прегрнал и го целивал.“

Меѓутоа, постариот син имал приговор за милостивиот и свечен пречек кој таткото го приредил по повод враќањето на неговиот син „кој го упропастил својот имот со блудници.“ Со тоа што не се радувал на повторната средба со својот брат, со тоа што одбил да учествува во радоста на таткото, тој покажал дека воопшто не му е важна секојдневната и постојана заедница со таткото, дека не му е важен и мил самиот татко, туку дека му е поважно што од него добива, што ќе добие, што не добил, а смета дека му припаѓа и има право да го добие…

Една од многуте поуки што можеме да ги добиеме од денешното евангелие е и тоа да разбереме, и ние родителите и тие што во иднина ќе бидат родители: колку е потребно на децата да им се обезбедат добри доживувања и убави спомени за домот, за тие подоцна да бидат сигурни: во какво и зло да се заплеткаат, дека имаат каде да се вратат, дека родителите нема да се откажат од нив, туку ќе ги примаат како свои чеда кои „биле изгубени и се нашле, кои биле мртви и повторно оживеале.“

Тоа се однесува и за Црквата и за духовните отци: човек мора да е сигурен; што и да му се случи, колку и зла да направил –  дека Црквата ќе го прими повторно, кога и да се врати, дека црковните служители ќе му помогнат повторно да го најде своето место како жив член на Телото Христово и како жител на „Земјата на живите“ односно Црквата.

Нашата надеж е во тоа што, колку и да сме биле мртви и пропаднати, Црквата е нашиот кораб на спасението, а кормилар на тој кораб е оној што има власт да ги скротува и брановите на немирното море на животот и кому му припаѓа секоја слава, чест и поклонение, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Беседа прочитана на Света Литургија во Соборниот храм Свети Николај, во Куманово.

Posted in Беседи | Напишете коментар

Беседа во Недела за митарот и фарисејот

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух – Троица света, едносуштна, животворна, неразделна – еден Бог.

Оваа Недела, браќа и сестри, е прва од четирите подготвителни недели пред Великиот пост, а тоа се: Неделата за митарот и фарисејот, Неделата за блудниот син, Месопусна Недела и Сиропусна Недела.

Денешната парабола која што ја искажал Господ Исус Христос е слоевита и сложена, како што е сложена темата за гордоста и смирението. Ние често ја упростуваме оваа парабола така што ќе го осудиме фарисејот, притоа немајќи го смирението на митарот, и ќе го превознесеме митарот, притоа презирајќи ги законските дела на фарисејот. Така, сметаме дека сме ја разбрале и примениле оваа длабока парабола.

Значи, „два човека влегле во храмот да се помолат.“ Од една страна имаме човек – фарисеј – на еврејски тоа би значело; човек одделен и посветен на верата и на исполнување на Божјите заповеди, а од друга страна е човек – собирач на данок за Римската империја.

Првиот навистина ги исполнувал верските прописи и сметал дека тој негов труд треба изрично да му го предочи на Бога, па и да му заблагодари што не е како другите. Тој е свесен дека има дела и смета дека со добрите дела автоматски ја стекнува и Божјата благонаклоност. Но, неговиот проблем е во тоа што Бог не работи автоматски или механички. Фарисејот навистина имал дела и што тогаш му недостасувало? Заради што со својата презентација изгубил од митарот кој си заминал пооправдан? Какво само „селфи“ направил пред Бога, а не добил никакво признание за својот религиозен труд.

И сепак, „ви велам, оној си замина пооправдан.“ Што може да има лошо во исполнувањето на Божјите заповеди? Да се разбереме, фарисејот не лажел кога велел дека има добродетели; тој е морален човек, доследен во исполнувањето на религиозните должности. По сè изгледа, проблемот е во нешто друго: одбивно за Бога е набројувањето на своите добродетели, свесноста за сопствената праведност, истакнувањето на моралните успеси…

Со секоја добродетел што човек ќе ја запише на своја сметка, наместо да расте неговото етичко салдо, тој губи поени кај Бога. Со секоја своја добродетел, од која човек ќе го изрази своето задоволоство, тој ќе ја потхрани својата суета и ќе остане без Божја „надокнада.“ Свети Исаак Сириски вели: „Додека човек не стекне смирение, нема да добие награда за своите дела. Награда се дава, не за делата, туку за смирението.“ Човек кој е задоволен од себе е исполнет со себе и нема потреба од Бога. Денешното евангелие, во делот за фарисејот, ни кажува како добродетелите во нас може да го заземат местото што му припаѓа на Бога. На концептот на етичко сметководство, Евангелието му го спротивставува концептот на духовната сиромаштија и на смирението.

Која е таа добродетел што, човек ако ја има само неа и ако нема нема никакви други добродетели – може да биде спасен од милостивиот Бог? И кој е тој порок кој толку ги поништува сите други добродетели, што наспроти сите стекнати добродетели, тој сам може да го упропасти човекот? Отците велат дека тоа се смирението и гордоста. Смирението кое го оправдало митарот, кој не гледал во себе никакви добродетели, а само ја просел Божјата милост и гордоста која ги загадила сите добри дела на фарисејот.

Митарот е свесен за своите гревови и негова единствена надеж е Бог. Тој извикува: „Боже, биди милостив кон мене грешниот.“ Фарисејот е свесен за својата праведност и мисли дека со својата праведност го поседува Бога. И двајцата се болни и заразени од грев – со тоа што, за првиот има надеж, бидејќи ја согледал својата болест и прибегнал кон единствениот Лекар на душите и телата, а вториот е неизлечливо болен, зашто не ја гледа својата болест.

Светата Православна Црква мудро уредила во Средата и Петокот по денешната недела за митарот и фарисејот да не се пости, за да имаме на ум дека запазувањето на постот не е цел само за себе, за да не паднеме во формализмот на фарисејско исполнување на заповедите, туку да внимаваме на себе и да ги провериме нашите мисли и намери; дали се прави, дали се вистински по-божни, односно по-Бога, според Бога, а не според човечки планови, обичаи, традиции…

Во денешниот ден, браќа и сестри, „со Бога и Триодот го почнуваме.“ Триод е богослужбена книга која ги содржи великопосните богослужби и е исполнета со покајни химни. Во денешната утринска богослужба пееме:

„Воздишки како митарот да му принесеме на Господа и кон него да пристапиме ние грешните како кон Владетел: зашто тој сака да се спасат сите луѓе, и им дава прошка на оние што се кајат. Зашто, заради нас се воплоти Бог (Синот) кој е собезпочетен на Отецот. “

„Заради фалењето со дела си го осудил фарисејот кој самиот себе се оправдувал, Господи, а митарот кој се смирил и со очистувачки воздишки се молел – си го оправдал; зашто ги отфрлаш велемудрите помисли, а скрушените срца не ги уништуваш. Затоа и ние ти приоѓаме во смирение, тебе кој страдаше заради нас; дај ни простување и голема милост.“ Амин.

Беседа прочитана на Света Литургија во Соборниот храм Свети Николај, во Куманово.

Posted in Беседи | Напишете коментар

Беседа на Недела по Богојавление

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух – Троица света, едносуштна, животворна, неразделна – еден Бог.

Оваа Недела по Богојавление, браќа и сестри, се совпаѓа со Неделата на Закхеј, Недела која веќе го најавува Великиот Пост, бидејќи по неа следуваат подготвителните Недели на Великиот Пост.

Во евангелското зачало назначено за Неделата по Богојавление Господ Исус Христос повикува на покајание, а во евангелското зачало за Закхеј слушавме за покајанието на митарот (митар значи даночник) кој многу сакал да го види и да се сретне со Исус. Заедничкиот именител на двете зачала е надежта на спасение што ја дава покајанието, зашто „Синот Човечки дојде да го побара и спаси изгубеното.“

Господ наш Исус Христос – Божјото Јагне што ги зеде гревовите на светот, дојде и изврши сè што е потребно за нашето споасение. Тој нè помири со Бога, го подготви и ни го вети во наследство Небесното Царство. Во делото на спасението, нам ни останува да се потрудиме да го примиме спасението. Трудот со кој се добива спасението се нарекува: покајание.

„Покајте се зашто се приближи Небесното Царство“ – тоа се зборовите со кој Спасителот ја започна својата спасителна мисија и својата проповед пред луѓето. „Кога Исус разбра дека Јован е  предаден“ од тоа време тој почна да проповеда за покајанието, односно продолжи да проповеда за покајанието, кое што го проповедаше и св. Јован Крстител.

Небесното Царство и Небесниот Цар се блиску до нас, многу поблиску отколку што мислиме. Господ Исус Христос стои пред вратата на човековото срце и чука на таа врата со неговите свети зборови. Со својата божествена посета Небесниот Гостин го удостоил и Закхеј, кој бил искачен на дрво: „Закхеј, слези побргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом.”

Закхеј бил митар, даночник омразен од својот народ, но Закхеј бил и човек што успеал да се подигне над алчноста и над другите свои гревови, Закхеј се искачил над расипаната човечка природа и чекал да се сретне со Христос. Во преносна смисла, така е протолкувано тоа искачување на Закхеј: човекот да се подигне над гревот и страстите со желба да го сретне Господа.

„Исус, пак, кога дојде на тоа место, погледна угоре, го виде и му рече: „Закхеј, слези побргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом.” И тој веднаш слезе и Го прими со радост.“

Исус прв го здогледал Закхеј. Иако Закхеј бил искачен токму со таа цел, подобро да го види Исуса, кога наближил Исус окружен со многу народ, сепак тој прв го здогледал Закхеја и го повикал да го удостои со гостопримство. Господ Бог наш секогаш нè здогледува порано, отколку ние него.

Закхеј горел од желба да го види Исуса, но бидејќи бил низок по раст, решил да се искачи на дрво. Таа негова постапка предизвикувала потстмев кај луѓето. Закхеј влегол во Светото Евангелие најмногу заради тоа што го презрел тој потсмев од народната маса, затоа што успеал да ја надмине суетата на овој свет. Ако се грижел; „што ќе речат комшиите“ кога ќе го видат државниот службеник како се пентери на дрво, тој ќе ја зачувал својата слава и својот имиџ во очите на луѓето, но никогаш немало да го види и да поверува во Господ Исус Христос.

Тоа е таа суета која спречува многу луѓе и денес денес да дојдат во Црква, тоа е таа лажна слава заради која многу луѓе сакаат да се нарекуваат христијани бидејќи и многу други околу нас се нарекуваат христијани но, всушност се срамат од верата во воскреснатиот Христос, кој дојде и пак доаѓа да им суди на живите и на мртвите.

Велиме „суетен човек“ за оној кому му е најважен добриот глас и високото мислење за него од луѓето. Во црковнословенската терминологија суетата се нарекува „тщеславие“ = празнославие, празна слава, слава која се состои градењето на лажна слика за себе, создавање лажна слава, што значи и празна слава во очите на луѓето, со еден збор: тоа е: сè за пофалба, сè што се прави – да се прави за да се добие пофалба или макар одобрување од луѓето.

Затоа Господ Исус Христос вели: „Како можете вие да поверувате, кога примате слава еден од друг, а славата, што е од Единиот Бог, не ја барате?“ (Јн. 5:44)

Животот во суета е живеење отуѓен живот, живот со обѕир на туѓо мислење, а ако ние го устремиме кон Бога нашиот умствен поглед, ако го основаме животот на Божјите заповеди и на верата во Бог, тогаш тој и нас ќе нè повика по име и ќе нè научи како да слеземе од високопарното плотско мудрување и да се спуштиме со умот во нашето срце, во нашиот вистински дом; таму каде што можеме да го пречекаме Господа. „Зашто кога човековиот ум ќе слезе во срцето и срцето, измиено во солзите на покајание, ќе се протегне кон живиот Бог, тогаш срцето станува место на средба на Бог со човекот.“

Браќа! „За да поверуваме во Господ наш Исус Христос, неопходно е покајание; за да се остане во спасителната вера, неопходно е покајание; за да се напредува во верата, неопходно е покајание; за да се наследи Небесното Царство, неопходно е покајание.“ (Св. Игнатиј Брјанчанинов)

И повторно да се навратиме на денешната евангелска порака: „Покајте се, зашто се приближи Небесното Царство.“ Кога фарисеите го прашаа Исуса; кога ќе дојде царството Божјо, тој им одговори: „Царството Божјо нема да дојде забележливо, ниту ќе кажат: „Еве, овде е“ или: „Ене, онде е.“ Зашто царството Божјо е внатре, во вас.” Со покајанието човек се отвора за Бога, го прима Христа во срцето, а каде што е Христос таму е и Неговото Царство. Ако Христос е во нас, и Царството Небесно е во нас.

„Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам при него и ќе вечерам со него, и тој со Мене.“ Клучот кој го отвора човековото срце за во него да влезе Господ Христос е покајанието.

Покајанието е голем дар од Бога за човекот. Покајанието го извлекува човекот од бездната на гревопадот и го воведува во вечното Небесно Царство. Да го примиме дарот на покајанието што ни го нуди Бог и преку нашето покајание да го издејствуваме нашето спасение, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Беседа прочитана на Светата Литургија во Соборниот храм Свети Николај, во Куманово.

Posted in Беседи | Напишете коментар

Документарен филм: Свети Јован Шангајски и Сан-Франциски


Со македонски титлови. Святой Иоанн Сан-Францисский. 2013. Режисер: Јуриј Дукин.

На Охридското езеро во манастирот на преподобен Наум се наоѓаат чудотворните мошти на преп. Наум Охридски, ученик и соподвижник на мисионерите св. Кирил и св. Методиј. Јеромонахот Јован многу го почитувал тој светец, кој се смета за особено брз исцелител на душевно-болни. Со света икона на преподобен Наум тој одел по болниците и читал молитви над болни, како што подоцна правел и во Кина над Кинези. Неколку денови пред своето упокоение, тој без некоја видлива причина ги симнал од ѕидот на домашната црква во Сан-Франциско иконите на преп. Наум и на св. Јован Крстител и ги положил на аналој во средината на храмот. По неколку денови, кога ги погледнале иконите, сите го разбрале значењето на изнесувањето на тие икони — владиката умрел спроти празникот на преподобен Наум (2 јули / 19 јуни 1966 г.), а бил погребен во денот на Раѓањето на Јован Претеча.

Извадок од: Блаженный святитель Иоанн (Максимович)

Тропар, гл.5 Попечение твое о пастве в странствии ея, се прообраз и молитв твоих, за мир весь присно возносимых: тако веруем, познав любовь твою, святителю и чудотворче Иоанне! Весь от Бога освящен священнодействием пречистых Таин, имиже сам присно укрепляем, поспешал еси ко страждущим, целителю отраднейший. Поспеши и ныне в помощь нам, всем сердцем чтущим тя.

Tвојата грижа за паствата во нејзиното раселување е образец и на твоите молитви – вознесувани за целиот свет; така веруваме, познавајќи ја твојата љубов, светителу и чудотворец Јоване! Целиот од Бога осветен со свештенодејствување на пречистите Таинства, кои секогаш те закрепнувале, си брзал кај страдалниците, исцелителу најутешителен. Побрзај сега да ни помогнеш и нам кои од сè срце те почитуваме.

Аудио-снимка на проповед од свети Јован (Максимович) со македонски титлови.

Posted in Документарен филм | 1 Коментар

Схиархимандрит Jоаким Парр: За односите меѓу младите

Што ги расипува односите меѓу младите луѓе?
-Со македонски титлови. Извор: pravmir.ru

Posted in Видео, Документарен филм | Напишете коментар

Пајсиј Светогорец. Раѓање. Детство. Младост. [video]

panaguda

Пајсиј Светогорец. Раѓање. Детство. Младост. Година: 2012-2013. Земја: Русија. Жанр: Православни подвижници на благочестието. Режисер: А. Куприн

Филм за еден од најголемите старци на Атон во XX век – Пајсиј Светогорец (1924-1994). Старец Пајсиј е познат со неговите духовни поуки и со подвижничкиот живот. Тој вршел исклучителни аскетски подвизи и бил изобилно надарен од Господа со многу благодатни дарови. Според добиениот божествен повик, духовно воспитувал илјадници луѓе, бил еден од најтрезвеноумните (најрасудителните) старци на новото време. Филмската серија од 6 епизоди (по 50 минути) е основана на житието на старец Пајсиј Светогорец, на спомени и сведоштва од негови духовни чеда, блиски, духовници и други луѓе. Филмот е сниман на места на земскиот живот на старец Пајсиј – на Света Гора Атон, во Грција, на островот Керкира (Крф).

Петтата епизода од филмот (која ви ја предлагам со македонски титлови) е посветена на престојот на старец Пајсиј во Атонската келија Панагуда и на процветот на неговиот духовен живот.

P.S. Благодарност до М., од кого дознав за овој филм и кој го препорача за преведување.

Posted in Видео, Документарен филм | Напишете коментар