За именувањето и за оние другите нешта
Како првачиња значи, ги научивме теоретските основи на еклисиологијата, но го знаеме и она што во школо не се учи, а во пракса е сосема очигледно, на пр. дека претстоител на помесна црква во Христово име може да застапува национални интереси на народот од кој потекнува. Често цитираната фраза дека „во Црквата нема Елини, ни Јудеи“, во продолжение вели дека нема ни роб, ни слободен, што значи дека има за цел да го истакне рамното достоинство на сите народи во Христа. Токму врз основа на овој принцип, нашето право за себе-именување ја изразува вистината, а лажни се агресивните обиди за негирање на тоа наше право, затоа што се рамнат според световни политички тенденции, а не според Христа. Ако пак, во надворешниот свет „силата не го моли Бога“, што да се каже за демонстрација на надменост и суптилни закани во атарот на Црквата и тоа од оние кои се нарекуваат браќа и членови на едното Тело на Христос? Неодамна, на наш терен, посредно бевме наречени предавници со изјавата од митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил, кога рече дека цариградскиот патријарх „знае дека сега оваа Црква нема уште еднаш да ја предаде Вселенската Патријаршија.“ Како те цени, христијански ли постапува оној кому, иако му дозволуваш да не те нарекува онака како што самиот се именуваш, тој, како да не си го знаеш името, ти вели; освен што ќе те викам јас како што сакам, и ти мораш да се именуваш со име кое што јас ќе ти го дозволам или како што ние ќе се договориме да те викаме. Софизам е да се рече: своето име не го бираме, името други ни го даваат. Сепак, и личното име, иако други ни го дале, слободно го прифаќаме и со него се идентификуваме. А, правото човек да ги именува нештата и својата околина е основно, богодадено право, толку јасно изразено уште во почетокот на Свeтото Писмо. Луѓето ја именуваат територијата на која живеат со име преку кое и себеси се определуваат како христијани од определена територија, и тоа име е наследство, татковина. А, за иредентизам, секој секого може да обвинува. Тоа што територијалното име не е суштински елемент на еклисиолошкото битие на Црквата, значи и дека тоа не треба за никого да биде камен на спрепнување, а не да се забранува некому такво природно право. Затоа, во ваквата поставеност на работите, секое спомнување на етнофилетизам како укор за нас, е превртување на тезите; бидејќи, оној што се чувствува силен и припадник на превосходна класа во Црквата, врши напад врз интегритетот на христијаните кои се бранат токму врз основа на принципот од св. апостол Павле, за рамноправност на народите во Црквата. Етнофилетизмот значи, е за осуда како расна исклучивост и нетолеранција на верска основа (како на пр. превознесувањето на елинизмот на Грчката црква) и како форсирање на еднонационален клир (како на пр. Цариградската патријаршија која се декларира како наднационална, а во својата историја не знае за Патријарх кој не е грк), а не како принцип кој би го исклучувал етничкиот елемент од Црквата. Да се потсетиме и дека првите словенски епархии биле етнички. Односно, тие биле создадени на територии на византиски епархии, но на нив биле поставени посебни епископи за богослужби на словенски јазик за словенското население. Така, епископијата на свети Климент Охридски не била организирана според територијалниот принцип, туку била етничка (словенска) епископија, односно било дозволено сопостоење на двајца управувачки епископи (византиски и словенски) на иста црковна територија. Епархијата на св. Климент Охридски и неговите наследници е еден вид етничка ексклава на територија на византиска епархија.