Слободата на Воскресението

Протојереј Teмистоклис Mурцанос

За Црквата, Велигден е почетна точка на новото создание. Смртта и распаѓањето повеќе немаат место во животот на човештвото и создавањето, туку „сè е исполнето со светлина: небото, земјата и подземниот свет“. Се чини дека ова е противречност за нашиот начин на размислување.

Сите може да го видиме постојаното уништување на животната средина; смртта, која сите нас нè држи во ропство; а, исто така, и фактот дека нашиот свет малку се промени, и покрај пораките и присуството на верата во Христа. Неправдите и војните изобилуваат, групите со приватни интереси се доминантни, животот е лесен за малкумина, но тежок за повеќето луѓе, а напредокот не донесе среќа, туку го изгони Бог од животите на многу луѓе.

Така, прашањето „Какво е значењето на воскресението за луѓето денес?“ – изгледа тешко за одговарање. Повеќето луѓе чекаат да слушнат „Христос воскресна“ и потоа се разотидуваат. Но, ние сме чеда на воскреснатиот Бог. Христос не е морална проповед, социјален реформатор, обичен револуционер, еден од многуте што се појавиле низ историјата. Христос е Бог и човек, и нас нè направи богови по благодат. Тој ни даде можност да го видиме лицето на Бога во овој и во  идниот живот. Тој го донесе новото создание – Црквата, за сите, дури и за оние кои не веруваат во него.

Во ова ново создание, сè е вредно, дури и најмалиот лист, бидејќи преку него може да се восхитуваме на убавината на животот што го создал Бог: тајната на љубовта; преобразувањето на сите оние кои веруваат и се трудат; силата на покајанието; светоста што ги опфаќа другите луѓе и целиот свет. Токму оваа сила ја оспособува Црквата да напредува, без да ја уништат грешките на нејзините членови. Крвта на прогоните не ја намалува  верата, туку ја зголемува.

Continue reading

Од историјата на празникот Свето Богојавление. Богојавленскиот водосвет. Значењето на светата вода за христијанинот.

Во околината на реката Јордан, во петнаесеттата година од владеењето на императорот Тибериј, св. Јован Претеча проповедал дека доаѓа очекуваниот Месија, дека се приближило Царството небесно, а за влегување во Царството Небесно неопходно е покајание. Оние што се покајале и ги исповедале своите гревови, тој ги крштевал во Јордан.

Господ Исус Христос сакал со својот допир да ја освети природата на водите и да ја востанови светата тајна Крштение, и затоа, пред да почне јавно да го проповеда своето учење, заминал од Галилеја и отишол на реката Јордан, кај Јован, за да биде крстен од него.

Во спомен на Христовото Крштевање, Црквата го востановила празникот Крштение Господово или Богојавление, на 6/19 јануари. Празникот Богојавление се нарекува така, затоа што при крштевањето на Господ Исус Христос се појавил Бог Света Троица: Бог Отецот зборувал од небото и сведочел за вочовечениот Син Божји, Кој бил крстен од Јован, а Светиот Дух во вид на гулаб слегол и се спуштил над Синот, потврдувајќи го гласот на Отецот. Како што се пее во празничниот тропар: „Кога се крштеваше во Јордан, Господи, на светот му се откри Света Троица: зашто гласот на Родителот сведочеше за Тебе, именувајќи Те возљубен Син. И Духот, во вид на гулаб, ја потврдуваше вистинитоста на Неговите зборови“

Continue reading

Сретение Господово – празник на слободата

Сега го отпушташ Твојот слуга со мир Владико, според зборовите твои, зашто моите очи го видоа Твоето спасение, што си го подготвил пред лицето на сите народи. Светлина за просветување на незнабошците, и слава на Твојот народ – Израил.

-Свети Симеон Богопримец

Зборовите: „сега го отпушташ Твојот слуга со мир Владико,“ се дел од химните на Вечерната богослужба на празникот Сретение Господово. Овие зборови, (кои праведниот Симеон ги упатил кон Бога кога го зел Христос во рацете), некаде се преведуваат како: ‘сега сум ослободен; зашто го видов својот Спасител’[1]. Во ликот на доенчето што го држел, Симеон ги видел неговиот мир и слободата.

Чувството на мир е чувство на блискост со Бога. Мирот ги приближува луѓето кон Бога и едни кон други. Тоа го покажува и етимологијата на зборот „мир“ што произлегува од прото-индоевропскиот ‘*péh₂ḱ-s’што значи „да се придружиш“ или „да се присоединиш“. Поточно, Христос им го оставил Богодадениот мир на своите ученици како „утешна награда “ пред Неговото Вознесение, кога рекол: „Мојот мир ви го давам“ [2].

Како плод на Светиот Дух, христијанскиот мир е поврзан со љубовта и радоста: ‘бидејќи плодот на Духот се љубовта, радоста и мирот… [3]. Со други зборови, тој е поврзан со нашата среќа и нашето ослободување од ограничувањата. Во тропарот на празникот Сретение, Христос се нарекува „Ослободител на нашите души“, кој ни дарува воскресение.

Праведниот Симеон бил на крајот од својот живот на земјата. Тој веќе не очекувал ништо друго од животот. Освен тоа, ограничени биле и движењата на неговите растреперени раце и нозе. Така што, тој бил заробен и од аспект на просторот и времето. Како можел да каже дека е ослободен?

Continue reading

Христовото Раѓање: историски и теолошки факти – обиди за нивно искривување

Личноста на Христос во средиштето на противењето

За христијаните и за многу други луѓе, историчноста на Христос е очигледна. Според јасното сведоштво на Светото Писмо, Исус бил историска личност, роден во Витлеем во Јудeja, за време на владеењето на императорот Август. Тој ги поучувал луѓето, правел чуда, бил распнат на крст за време на Понтиј Пилат и воскреснал на третиот ден. Освен тоа, научните истражувања ги потврдија повеќето факти што се однесуваат на историскиот живот на Исус, онака како што ни се познати од евангелијата.

Како и да е, непријателите на христијанството, без оглед дали „научно“ или идеолошки ангажирани, повремено ја омаловажуваа историчноста на Христос и објавуваа „научни“ аргументи за да ги поткрепат нивните сомнежи. Промовирањето на овие сомнежи од страна на медиумите обично се засилува со приближувањето на големиот празник Божик, во обид пошироката јавност да се убеди дека настаните што ги слави Црквата се мит и немаат никаква историска основа.

Истовремено, други идеолошки поставки ја проектираат необичната идеја дека историчноста на Христос не е неопходна за разбирање на суштината на христијанската вера. Со други зборови, некои луѓе тврдат дека Христос не бил историска (т.е. реална) личност, туку е идеја или став, состојба, која што сите сме повикани да ја постигнеме. Таквите ставови ги промовираат некои современи филозофски трендови, групи и организации од источните религии и од движењето New Age. Недостатокот на вистинско православно вероучение резултираше со вакви широко-распространети поими, кои се прифатени дури и од некои христијани. Во овој контекст, во кој историските факти на Евангелијата се сфаќаат како алегории и симболи, произволноста на ваквиот вид на толкување на Светото Писмо (т.е. толкување на начин како што лично ви одговара, со додавање на најчудни и контрадикторни поими) ја достигна својата кулминација. Така, германскиот филозоф Хегел (1770-1831) тврдел дека она што е важно, не е историската личност на Христос, туку идејата поврзана со Христос. Што се однесува до историјата, верувајте во што сакате; она што е важно е идејата. Шелинг (1775-1854) верувал исто така, додека учениците на Хегел и филозофи, како Шопенхауер (1788-1860), Бруно Бауер (1809-1882) и други, поочигледно се сомневале во историчноста на Христос или ја толкувале симболично. За жал, познати протестантски теолози како Бултман (1884-1976) ја промовирале потребата од „демитификација (demythification)“ на Евангелијата и на Новиот Завет воопшто, и меѓудругото, правеле разлика меѓу „историскиот Исус“ и „Исус на верата“.

Конечно, бидејќи секоја фаза во животот на Христос има теолошко значење, ересите, кои обично се од протестантско потекло, го доведуваат во прашање значењето на христијанските празници. Јеховините сведоци, на пример, тврдат дека празниците воопшто, а особено празникот на Господовото Рождество, не се такви како што изгледаат и имаат паганско, нехристијанско потекло и, навистина, честопати се придружени со неприлични практики и активности како што се пијанство и блуд. Тие нагласуваат дека празниците не се споменуваат во Светото Писмо, освен со негативни конотации на некое убиство, како на пример кога свети Јован Крстител бил убиен на роденденот на Ирод. Што се однесува до Божик, тие тврдат дека Господ не е роден на 25 декември, така што нема смисла да се слави на тој датум, кој бил ден поврзан со обожавање на сонцето во поранешно време.

[…] Тука нашето внимание ќе го сосредоточиме на важноста на историчноста на Господ Исус Христос за христијанската вера, како што е претставена во Новиот Завет, а особено ќе се фокусираме на одредени историски и теолошки проблеми поврзани со Раѓањето на Христос.

Рождеството Христово како историски настан

Во Новиот Завет никако не се сретнува став дека Исус Христос е идеја или дека Неговото Раѓање е воплотување (incarnation) на идеја. Напротив, се тврди дека Тој е конкретна историска личност, кој е роден и живеел во одредено место и време и бил поврзан со други историски лица и со настани од неговото време.

Continue reading

Третото Христово Раѓање

Првото Христово Раѓање е предвечно, Синот Божји се раѓа од Бог Отецот уште пред создавањето на што било…

Второто Раѓање е воплотувањето, вочовечувањето на Синот Божји од Пресвета Дева Марија…

Третото Христово раѓање е…

Повторно раѓање

Третото Христово раѓање е во животот на луѓето кои веруваат во Него и го прифаќаат како свој, личен Бог. Затоа што, иако Христос се воплоти за да ги спаси сите, немa да биде спасен секој човек.

Се разбира, Господ „сака сите луѓе да бидат спасени и да ја познаат вистината“ (1 Тим 2,4) и Тој навистина е семоќен. Сепак, Тој ја почитува слободата на луѓето и не сака да нè спаси против нашата волја.

Така, во (книгата) Откровение, Тој е претставен како просјак кој талка, оди од врата до врата, од душа до душа, тропа за да му отвориме: „Еве, јас стојам пред вратата и тропам; ако некој го чуе мојот глас и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе јадам со него и тој со мене“ (Откр 3,20). И расказот за првата христијанска ноќ се повторува. Повеќето врати се затворени, како што било и во Витлеем; нашите срца се прибежишта за други богови и божици. Христос наоѓа само неколку души подготвени да Го примат. „Меѓу своите дојде и неговите не го примија“ (Јн 1,11). Но, за оние во кои Тој престојува, Тој шталата ја прави палата, а јаслите − раскошна трпеза; Тој е роден во нивните срца и им дава преродување (повторно раѓање).

Тоа преродување е неопходно за нашето спасение. Само оние кои се „родени од горе“ (Јн 3,3) − како што вели самиот Господ − влегуваат во Царството Небесно и стануваат негови граѓани. А, како може човек повторно да се роди? − прашува Никодим, и ние со него (Јн 3,4). Како одговор, да слушнеме што ѝ рече ангелот на Дева Марија, која беше зачудена кога дозна дека ќе роди без маж: „Светиот Дух ќе слезе на тебе и силата на Севишниот ќе те осени“ (Лк 1,35). Христос бил зачнат во утробата на Марија од Светиот Дух, а со истиот Дух и во нас може да биде зачнат и да го носиме во нас. Можеме да го носиме Христос откако ќе се изврши нашето соединување со Светиот Дух.

Навистина, нешто прекрасно се случува во нашите животи, што светот не го разбира, не го научил и никогаш нема да постапува така: преку Светиот Дух, секој христијанин може да го зачне и да го носи Христа. И Христос што го носиме, ќе биде нашето сопствено јас, и ние ќе бидеме друг (another) Христос во светот, мал Христос, што и е вистинскиот христијанин.

Жив пример за такво преродување е апостолот Павле. Тој успеал да го зачне Христос и да го носи во себе, така што можел да рече: „Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене (Гал 2,20). Најдлабокото во него беше Христово, неговиот ум беше − на Христос, неговото срце − на Христос. Така, тој можеше да Го зароди и во душите на другите околу себе, како што им пишува на Галатијците: „Чеда мои, за кои сум пак во родилни маки, додека не се обликува во вас Исус Христос“ (4, 19). Каков посветен родител бил апостолот! Како да ги внесувал во своето тело и да ги носел, сè додека да можеле да се родат како христијани, како мали христоси. Oва мора да го знаат сите учители на Евангелието, сите вероучители. Нивната најголема задача, нивната главна мисија е да го породат Христос во душите на луѓето и притоа, да претрпат породилни болки.

Како се раѓаме повторно?

Непосредно пред неговите страдања, Христос на своите ученици им кажал дека ќе го испрати Утешителот, Кој „е со вас и ќе биде во вас“ (Јн 14,17). Овој Утешител го извршува третото Христово раѓање; во Духот, во нашите срца. Тој се соединува со нас и во светот внесува нов Христос, т.е. нашето новородено јас. А, како нè посетува Утешителот?

Нашата прва средба со Него е преку вера. Верата ја отвора вратата на душата, за да може да влезе Христос. Верата Го прима, ги предложува нашите срца пред Него и предизвикува во нас силен интерес и огнена желба да Му се приближиме. Ова е првичната потреба; Христос да престојува во нашите срца, како што вели св. апостол Павле (Ефес 3,17). Но, потребна е љубов за Господ да остане со нас и да нè направи Негов храм и олтар. Исус Христос вели: „Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме при него и живеалиште во него ќе направиме“ (Јн 14,23). Божјиот збор ни помага во утврдувањето на нашата вера и во зголемувањето на нашата љубов. Кога зборот Божји (проповедта и учењето), во нас престојува изобилно, тогаш Словото Божјо, Исус Христос, не само што се сместува во нас, туку целосно нѐ исполнува со Него. Тој мистично нè одгледува и нè подготвува за нашето совршено соединување со Бог.

Но, она што, всушност, влијае на нашето повторно раѓање во Христос, конечно, е Светата Тајна (Причестувањето). Господ тоа јасно го кажа: „Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него“ (Јн 6,56).

Тој доаѓа, тропа на нашата врата и, кога ќе (се) отвориме, самиот Тој поставува трпеза за нас. Тој, Просјакот на нашето спасение, ги принесува Своето Тело и својата Крв за да нè нахрани и да нè направи среќни. Тој нè повикува на (мистична, таинствена) Вечера со Него, затоа што „Моето тело е вистинската храна, и Мојата крв – вистинското питие“ (Јн 6,55). Ние вистински го славиме Божик тогаш, кога со страв Божји, вера и љубов, се причестуваме со пречистите Таинства и повторно се раѓаме заедно со новородениот Христос.

Сергиј Сакос