Василије Враниќ, Универзитет Маркет, Висконсин, САД
Многу често може да се слушнат аргументи дека епископската јурисдикција во православието е дефинирана само со географскиот принцип. На пр., Григориј Папатомас, професор по канонско право на Институтот Св. Сергиј во Париз, смета дека „критериумот што го дефинира некоe црковно тело е неговата локација“. Тоа никогаш не билa националностa, расата, културата или исповедањето“. Тука конкретно се спомнуваат посланијата на апостол Павле, кој ѝ се обраќа на „Божјата црква во Коринт“ (1 Кор 1, 2) или на „Црквата во Галатија“ (Гал 1, 2). (…)
Меѓутоа, се чини дека овој став не му придава доволно значење на фактот, дека апостолот им пишувал на живи луѓе од одредена географска област. Затоа, апостолот ѝ пишува на „Божјата црква“ – на собирот на живи луѓе, а не на географската област „Коринт“ или „Ефес“. Изолирана географска локација, без луѓето кои живеат во неа, е од второстепено значење за еклисиологијата. Народот ја сочинува Црквата Божја. Затоа, демографскиот момент има предност пред географската локација. Исто така, овде не треба да ја изгубиме од вид Христовата заповед до апостолите, која го утврдува принципот на мисионерско-пастирската работа на Црквата: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, учејќи ги да држат сè што ви заповедав; и ете, Јас сум со вас секогаш до крајот на вековите“ (Мт 28, 19-20). Затоа, воспоставувајќи го принципот на мисионерска дејност, самиот Христос не поставува географски параметри.
Заговорниците на географската припадност како единствен меродавен принцип за одредување на канонската јурисдикција, својот став го оправдуваат со аргументот дека црковната хиерархиска власт на тој начин била одредувана уште од апостолското време. Имено, тие сметаат дека тоа што апостол Павле им пишувал на Црквите на одредено географско подрачје, значи дека хиерархиската структура е одредена со географските граници.
Continue reading