Заедница на личности

a.Бездната ја повикува бездната

cropped-blur-close-up-depth-of-field-589840.jpgРазликата меѓу суштината и енергијата во Бога ни дава можност да се упатиме во онтолошките размери на верата кои се откриваат во заедницата на љубовта со Бога. Патот на взаемната љубов е единствен и соборностен пат на богопознанието, кој ни е отворен со Божја иницијатива: „Ништо не може душата да ја воздигне во познавање на Бога, ако самиот Бог не се покаже со снисходење, и откако ја допре, ја привлекува κон себе. Зашто, човековиот ум не би имал сила да се подигне толку високо, за да опфати едно Божјо осветлување, ако самиот Бог не би го возвишил, колку што за човековиот ум е можно да се возвиши, и кога не би го осветлил со божествени просветувања”1.

Патот на богопознанието е истовремено искачување на целиот човек како одговор на слегувањето на Бог, човеков соборен потврден одговор на божествениот кеносис и јавување, средба на човекот со Бога на планот на лична заедница и живот, взаемна љубов и љубовно единство: „Исто како што секому поединечно карактеристика му е личноста, така и духовното знаење нагласено го карактеризира она што е божествено: се смета дека оној што бара (духовно знаење) го бара лицето на Господа”2. Ако гревот за човекот означува губење на патот на богопознанието, значи, „потценување на дарот на заедницата, одбивање на слободата и напуштање на љубовта на синовите Божји”3, тогаш спасението не е ништо друго освен човеково враќање на патот на богопознанието, воспоставување на заедницата на љубовта со Бога во Личноста на Христос – Синот, во кого навистина сме слободни и спасени: „Се спасува она што се соединува со Бога, зашто она што не е примено, не е ни исцелено. Спасението, значи, го опфаќа целиот човек, за да му се дарува спасение на целиот”4. Ова го покажува онтолошкиот карактер на богопознанието и личната димензија на врската на Бог со човештвото. Нашиот Бог не е бог „на мртви теолошки системи,” туку e Бог на личните постоења и на лични откривенија. Continue reading

Троичната основа на битието

ПРВ ДЕЛ
Општи поглавја
ОД БЛАГОДАТТА ДО СЛОБОДАТА
ПРВО ПОГЛАВЈЕ
ТАЈНАТА НА ЛИЧНИОТ БОГ

ТРОИЧНАТА ОСНОВА НА БИТИЕТО
a.Меѓу Света Троица и пеколот

trinity.png

Учењето за Света Троица во Православието не е само догматски канон или една област од схоластичка теологија, туку прашање на животот и смртта, со оглед на тоа дека тајната на Света Троица е објава на длабочината на личната вистина која се познава како неизмерна љубов. Таа (тајната на Света Троица) не е свет на идеи од човечка философија, туку е троична тајна на Божјата Икономија која го втемелува битието и го (п)одржува неговиот онтолошки карактер.

Она што го „држи светот однатре” не е стабилност (на некој) закон, туку љубовта на Трите Личности: Отецот, Синот и Светиот Дух, неискажливата и несфатива тајна на едниот и Троичен Бог, благословената и царствена Троица, која е лична причина и извор, темел и средиште на севкупното постоење и на целиот свет. Од оваа личностна тајна, која со бескрајната и неопишлива Божја Икономија го прави чудото на создавањето и спасението, доаѓа целата вистина и се одвива целиот живот на Христовата Црква. Тоа е почетокот и крајот на христијанската вера и етос, коренот и богатството на христијанската побожност и духовност. Ипостаста на битието, создавањето, промислата и судот се дело на Света Троица. Света Троица е почетокот на Откровението и извор на секое откривение, Откровение на смислата и на перспективата на секоја стварност и на севкупната стварност – самооткровение на нестворениот Бог и Откровение на створениот свет.

Continue reading