Православната духовност е:
Библиска и Преданиска: Библијата која произлегува од Црквата, им припаѓа на делата на божествената Икономија, кои својот епицентар го имаат во настанот на телесното присуство на Синот Божји. Таа е дел од тајната на Воплотувањето и начинот на стварното постоење и Откровение, на доаѓањето и присуството на Логосот12. Библијата нѐ води кон живата личност и кон поклонување на воплотениот Логос: „Истражувајте ги писмата, како што рекол во Евангелието Христос нашиот Бог: во нив го наоѓаме Христос роден и повиен, во јасли ставен и со млеко задоен, кој примил обрезание и кого Симеон на раце го држел, не замислен, ниту измислен, туку навистина јавен во светот, кому му воскликнуваме: Превечен Боже, слава Ти”13. Големата тајна на Светите Отци е во тоа дека во Светото Писмо барале заедница и дијалог со Христос, затоа што „единствена тема во целото Свето Писмо е Христос и Неговата Црква”14.
Библијата, според тоа, има темелно значење за православната побожност, за богослужението и духовниот живот. Православната духовност во суштина е „библиска и евангелска”, таа става акцент на духот и добродетелите на Евангелието, на чувањето на заповедите, за да го следиме Христос и да ја подражаваме Неговата милост15. Животот на православните верници е Воплотување на библиско-евангелското совршенство, кое се открива во смирение и во љубов, и со смирение и љубов. Тој е Библија во пракса или Библија на дело, бидејќи таа не е книга на знаење што ја учиме наизуст, туку правило и мерка на нашиот живот. Светото Писмо се нарекува „небесен и ангелски леб” со кој се храниме и ги радуваме нашите срца, заедничариме и се причестуваме со Логосот, со вистината и со животот на Бога. „Блажен е оној што незаситно се храни со молитви и псалми ноќ и ден, и кој се упатува во славата на познавањето на Писмото. Зашто, тоа причестување ќе ѝ даде на душата целосна благоразумност во идниот век”16. Според Свети Нил Подвижник, „во зборовите на боговдахновеното Писмо се крие Царството небесно”17. Духовното напредување и совршенство се поврзува со секојдневното изучување или слушање на Светото Писмо, со чување на зборовите Божји или со поклонување на Логосот, дело што бара смиреноумие и чистота, исполнување на заповедите, а пред сѐ, молитва. Со слушање и читање на Светото Писма, со благодатта на Утешителот или на Црквата, разговараме со Бога, a во нашите срца се врежува силна и неискажлива желба за Него, за изминување на патот на обожението преку подвигот во благодатта. Continue reading