Го чекам воскресението на мртвите

Манастир Свети Јован Крстител, Кареа, Атика

1. Тоа е настан за кој секој од нас може да биде апсолутно сигурен: порано или подоцна смртта ќе нѐ постигне. Сепак, за повеќето луѓе крајот на животот останува непожелен и се обидуваат да му се спротивстават.

Тоа е од причина што во текот на нашиот живот на оваа земја, не сме биле воспитувани со очекувањето на „трансцендентното“ и не се засновуваме на камен-темелникот на надежта во Христа. Како потомци на Адам, ние сме изненадени од феноменот на смртта, бидејќи, секако сме создадени за вечен живот. И кога го гледаме телото на некој близок како лежи без здив, ова ја покрива и нашата сопствена надеж.

Денес, особено, луѓето се насочени кон видливото, кон она што може да се докаже во лабораторија или може да се предложи како даденост, нешто неподложно на сомневање. Ова е причината зошто изгубиле секаков интерес за она што се случува по смртта и, особено, зошто изумрела во нив секоја надеж за воскресение и бесмртност.

Свети Јован Златоуст ја истакнува следната чудна појава: Сејачот својата егзистенција ја вложува во свежа земја, која длабоко ја ора и обилно ја храни со квалитетни семиња и со надеж. Фактот дека семето ќе изгние и ќе исчезне привремено, не го загрижува, ниту пак му го одзема очекувањето на нова реколта и добра жетва. Но, кога треба да го положиме безживотното тело на личноста што ја сакаме во свежо ископана земја, не ја чувствуваме истата надеж и сигурност како сејачот. Тогаш, отсуството на надворешните знаци на живот се поистоветува со неповратна загуба. Тоа е затоа што во нас ја немаме визијата за „вечната пролет“ и радоста од очекувањето на оној посакуван ден „кој нема вечер“. Луѓето „од овој век“ станаа толку еднодимензионални, што се навикнаа сè да дефинираат во смисла на природни закони.

Continue reading

За Светиот оган, од разговор со ерусалимскиот патријарх Теофил

Превод на дел (од 17 до 21 мин.) од разговорот на романската Тринитас ТВ со ерусалимскиот патријарх Теофил (15.04.2023) .

– Бидејќи Светиот оган (the Holy Light) е највидливото чудо што се случува секоја година во светата црква во Саботата пред Велигден, како се чувствувате, знаејќи дека сте единствениот христијанин во светот во чии раце се пали Светиот оган?

-Тоа е многу посебен, важен настан, затоа што церемонијата на Светиот оган (the ceremony of the Holy light) на Велика сабота е претходна подготовка на луѓето за настапувањето на Воскресението на нашиот Господ Исус Христос. Бидејќи, кога зборуваме за Воскресението, зборуваме за светлината на Воскресението, и затоа, пред да достигнеме до видение на славното Воскресение, славната Светлина на нашиот Господ, што е духовниот живот, претходно мора да ја видиме, да ја допреме, природната светлина (the physical light).

-Отец патријарх, како се подготвувате за церемонијалното Слегување на Светиот оган? Знаеме дека влегуваш во Светиот гроб, никој не гледа што правите таму, и прашањето што го преокупира умот на секој христијанин и на многумина други е; Како слегува Светиот оган?

Continue reading

Воскресението: навреда за разумот

Архимандрит Епифаниј (Иконому)

Не е изненадувачки што пораката за Воскресението Христово покрена цела низа сомнежи и прашања. Приговорите следуваa веднаш по појавата на натприродниот настан, на кој се заснова целата структура на христијанската Црква. За Евреите од библискиот Ерусалим, тврдењето дека распнат злосторник би можел да биде Месијата, претставуваше богохулење од христијаните – отпадници. За културните Грци, кои веќе верувале во бесмртност на душата, самата помисла за воскреснато тело била одбивна. Дури и христијаните – гностици, од II век, го претпочитале гледиштето дека Христос е бесмртен дух кој ја отфрлил својата смртна обвивка.

Вистина е дека Исусовото воскресение е тест за човечкиот разум. Не треба да бараме далеку: доволно е да ги погледнеме учениците на Господа и да ги видиме сомневањата што се вовлекле дури и меѓу избраниот круг на Неговите ученици, во однос на овој зачудувачки настан. Дванаесетмината се затвориле во горната соба и навистина се сомневале во веста што ја слушнале од жените мироносици, припишувајќи ја на женското преувеличување. А, на патот кон Емаус, воскреснатиот Исус одел покрај двајца ученици и тие не можеле да го препознаат во Неговото лице својот сакан Учител. Бидејќи умот на апостол Тома работел строго во границите на разумот, тој упорно одбивал да поверува во веста за Воскресението.

Continue reading

Тајните на најтаинствената книга на Стариот Завет или зошто Бог е неправеден?

протоереј Игор Рјабко

Kнигата за праведниот Јов нè упатува на една од најтаинствените книги на Стариот Завет, каде што Јов му поставува на Бог прашања, кои Ф.М. Достоевски ги нарекол „проколнати“.

Ако Бог е Добар, тогаш зошто има толку многу зло во светот? Ако Бог е праведен, зошто живееме во царство на целосна неправда? Ако Бог (Љубов) е бесконечен, тогаш Неговата спротивност (Злото) мора да исчезне.

Во книгата Јов, неговите пријатели размислуваат како секој од нас. Тие имаат добро дефинирана логичка низа од цврсти аргументи.

Бог е Врховен судија, праведен, мудар и не прави грешки. Правдата и сезнајноста Божја гарантираат награда за оние кои заслужуваат (награда) и казна за оние кои заслужуваат (казна).

Наградата кај нас се доживува како лична придобивка, радост и среќа, а казната како неволја, страдање и болка. Јов страда и се мачи, значи Бог го казнил.

Заклучок: Ако Јов е казнет од Врховниот судија, тогаш тој е виновен и за ова не може да има никаков сомнеж.

Книгата Јов веднаш нè соочува со навидум нерешлив проблем. Бог вели дека Јов е праведен, чист и побожен. Но, истовремено, тој страда. Тогаш, едното од двете; или Бог постапува со него неправедно, или Јов има некаква вина пред Господа. Се разбира, полесно е да се признае втората претпоставка, на која се засноваат обвинувањата од неговите пријатели. Ајде да ги разгледаме по ред.

Continue reading

Аскеза и Евхаристија

автор: јеромонах Хризостом Кутлумушски

извор: https://bit.ly/3lGYFBW 

Некој туѓинец – кнез го посетил стариот Рим и на заминување рекол: „Ова е град на продажба и го чека својот купувач“. Истото може да се каже и за Грција. Можеби отидовме уште подалеку. Јавното наддавање е веќе одржано. И се постигна ново ропство, полошо од претходните, токму затоа што е доброволно. И не мислам на распродажбата на Грција на меѓународните корпорации – тоа е симптом. Повеќе мислам на долгогодишната продажба на нашата душа долги години на друг бог. Гледајќи го поширокиот хоризонт, историски и географски, човек се прашува, дали сите општества се продале на овој зол дух што ги оштетува и разложува. 

Денес насекаде има криза. На ниво на екологија, економија, социјален живот. Она што ни се измолкнува е дека сето тоа се метастази. Примарната болест се наоѓа во човечката личност. Порокот се раѓа и умира во личноста. На личен план, човекот погрешно го гледаше својот живот, ја изгуби душата, мислејќи дека ќе ја најде во материјалните добра, во општественото признание, во поседувањето на сè повеќе нешта, во професионалната или црковната кариера, во стекнувањето моќ, во сето она што го јаде црвот. Со овие факти денеска се најдовме на работ на очајот. Но, од една гледна точка, очајниот човек е благословен – секако, оној што знае да го цени и искористи очајанието, напуштањето на удобноста, сигурноста и убеденоста што ни ја даваат секојдневието и лажната слика што ја имаме за себе. 

Излеговме од удобноста, редот и сигурноста во страшна бура која тресе сè околу нас и во нас. И секој од нас чувствува дека е среде опасно море кое во секој момент може да го проголта. 

Денес, сепак, ќе ве одведам во друго море, во далечен океан, во далечна епоха.  Таму, каде што во VI век патувал познатиот ирски игумен, свети Брендан со монаси од неговото братство. Тој повикал дванаесетмина од своите ученици и им рекол: „Решив да одам на патување, ако е Божја волја, и да отидам таму каде што е Ветената земја, земјата што Бог им ја ветил на Своите свети. Вие ќе ме следите ли?“, а тие му одговориле: „Ги оставивме татковината и нашите роднини и се препуштивме на твоето водство. Ние сакаме, како и ти, да ја најдеме Божјата волја“. Отпловиле од брегот на Ирска со лесен брод покриен со кожа, за да пловат до земјата што Бог им ја ветил на Своите свети. Се верувало дека, да, таа земја ќе им биде дадена на светите на крајот од историјата, но сепак, до одреден степен, таа може да им биде достапна и сега, макар и делумно, на Божјите пријатели. Некои велат дека патувањето на Брендан било вистинско и дека игуменот Брендан бил првиот што стигнал до Америка. Други, повеќето, велат дека тоа е алегорија на духовниот живот, на патувањето кон Бога, со сите тајни, радости, искушенија, откровенија, искажани и неискажани нешта. 

Continue reading