Свети Климент Охридски

sv_kliment_ohridskiНа 27 јули/9 август и на 27 ноември/8 декември Православната Црква го слави споменот на најистакнатиот просветител Словенски, рамноапостолниот епископ Охридски Климент. Тој е соподвижник на свети Методиј и го утврдил христијанството меѓу словените на Балканот.

За детството и младоста на Климент речиси ништо не е познато. Се претпоставува дека се родил во 840 година. „Краткото житие на Св. Климент” составено, најверојатно, во почетокот на 13 век од епископот Охридски Димитриј Хоматијан, укажува дека Климент родум бил «од европските мизијци, под кои многумина ги подразбираат болгарите». Но, тоа значи само дека свети Климент бил словен од Болгарското царство. Точното потекло на неговото семејство не е установено. Сепак, многумина истражувачи претпоставуваат дека семејството на Климент било од Македонија. Подоцна болгарскиот цар го испратил Климент токму во Македонија за да создаде словенска Црква. Македонското потекло на Климент се потврдува и од фактот дека тој одлично го владеел и грчкиот јазик (за што сведочат неговите преводи); во тоа време Македонија била во состав на Болгарското царство и била двојазична провинција.

Според спомнатото „Кратко житие”, свети Климент «од младоста се проникнал со Божествениот закон, живеел строго, како што заповеда Евангелието». Таму се говори и за тоа дека тој го засакал «монашкото и девствено живеење». Во друг извор «Опширното житие» составено во почетокот на 12 век од архиепископот Охридски Теофилакт, се кажува дека Климент «го зел за себе како образец за подражавање великиот Методиј, бидејќи го знаел неговиот живот како никој друг и го следел од својата рана младост и со свои очи видел сè што правел неговиот учител». Оттука може да се заклучи, дека соработката на Климент со Методиј започнала уште од крајот на 60-ите години на 9 век. Во тоа време Методиј, како што се претпоставува, се наоѓал во северо-западниот дела на Мала Азија, во манастирот Полихрон. Таму изгледа се наоѓал и Климент. Наскоро во манастирот пристигнал и братот на Методиј, Кирил (во тоа време тој сè уште го имал името Константин). Средбата со Кирил, кој веќе ја имал славата на истакнат научник и дипломат, на Климент оставила силен впечаток. Подоцна, во пофалното слово на Кирил, Климент се обраќа кон него како кон свој учител.

Кирил и Методиј поминале во манастирот неколку години, не сметајќи ги периодите на дипломатски мисии, на пример, во Хазарија. Во тоа време тие, најверојатно, и работеле на создавањето на словенската азбука и на преведувањето на византиските богослужбени книги на словенски јазик. Во полза на оваа теза говори и фактот дека во 863 година, ако не и порано, словенскиот алфавит веќе постоел. Меѓу помошниците со кои работеле Кирил и Методиј, очигледно, бил и Климент, кој ги знаел и словенскиот и грчкиот. Се искажуваат претпоставки дека Климент ги придружувал Кирил и Методиј во нивната мисија во Хазарија.

За периодот на животот на Климент од 863 до 868 година, изворите ништо не кажуваат. Потоа се спомнува дека тој ги придружувал Кирил и Методиј на патувањето во Рим, каде тие на Папата му ги предале моштите на свети Климент Римски. Во Рим ним им бил укажан почесен прием и во март 868 година, учениците на Кирил и Методиј, меѓу кои е и Климент, биле ракоположени за свештеници од два римски епископи. Во следната, 869 година, Римскиот Папа го ракоположил Методиј за архиепископ на Панонија и го испратил таму во својство на папски легат. Со него отпатувал и Климент. Сепак, во Моравија Методиј не бил добродојден за франкиските свештеници кои се плашеле да не ја изгубат својата исклучителна положба. Освен тоа, тие во Символот на верата во врска со исходењето на Светиот Дух, веќе ја применувале додавката «и од Синот». (Патем кажано, Рим таа догма ја утврдил дури во 11 век.) Прашањето за таа додавка во Символот на верата постепено станала главен проблем во догматските спорови меѓу Византиската и Латинската Црква.

За една од полемиките по тоа прашање, која се одржала по смртта на Методиј во 885 година, соопштува «Опширното житие». Византиската Црква ја претставувале преемникот на Методиј – Горазд и Климент. Тие го изложиле православното гледиште за Бог Света Троица; прво – во обраќање кон франкиското духовништво, а потоа – во обраќање кон кнезот Светополк. Света Троица, според свети Климент, се три ипостаси на едната субстанција, «Бог е еден во три ипостаси». Бог нема ни почеток, ни крај. Тој е бескраен, независен од времето, неизменлив според битието; Тој суштествува вечно. Учењето на западните богослови дека Светиот Дух исходи од Отецот и Синот, свети Климент го смета за обид да се разложи едната субстанција на две начела. «Светиот Дух, – тврди Климент – не происходи од две начела: тој – е еден и од едното Начело. Отецот е Начелото и Тој стои над секое предвечно Начело».

Во полемиката, победила, но не со вистината, туку со насилство, франкиската партија. Учениците на Методиј (околу 200 свештеници и ѓакони) тогаш биле подложени на државен прогон. Оние помладите од нив биле продадени во ропство и испратени во Венеција, други биле ѕверски претепани и изгонети. Петте главни, меѓу кои бил и Климент, биле фрлени во затвор. Впрочем, наскоро и ним им било заповедано да ги напуштат пределите на Моравија. Зимата 886 година Климент пристигнал во Белград, кој тогаш припаѓал во Болгарското царство.

Прогонувањето на Климент и неговите соподвижници од Моравија го означувал крајот на кирило-методиевската традиција во тоа кнежество. Сепак, словенската богослужба имала иднина во други краишта. Преку свети Климент блесна Христовата светлина од Охрид до краиштата на словенските земји, за другите народи кои припаѓаа на единствената култура на Византискиот комонвелт.

Болгарскиот цар Борис бил радосен на доаѓањето на словенските проповедници во Плиска, каде што од Белград пристигнале Климент и другите со него. Борис ги сместил како важни велможи и често ги примал во својот дворец. Климент организирал и школа при царскиот дворец. Но, наскоро тој, како македонец и искусен проповедник, бил испратен да проповеда во Македонија. Дејноста на Климент се одвивала воглавно во градовите Охрид, Девол и Главеница.

Документ од Ватиканската библиотека посочува два неспорни факта: седиштето на св. Климент по 906 г. и датата на неговата смрт. Во документот стои следното:

„Епископија на Велаград или Велеград (Берат) и Канина, Северен Епир. Град во Албанија, сега Берат. Епископија прво при Драчката митрополија, нарекувана Пулхериуполска, потоа Велеградска митрополија при Охридската архиепископија, а од 1767 г. при Цариградската патриаршија со митрополитска титула „Пречестен и Егзарх на цела Албанија… Епископи: 1. Филарет, непознато кога, 2. Серафим, исто непознато, 3. Сергиј 16 април 878, 4. Даниил, 5. Климент ­ 906 ­ 25 јули 916 г.”

Според овие податоци појасно се разбира зашто во неговото титулирање се спомнуваат две епархии: Тивериополската и Величката, односно дека св. Климент на два пати примал епископски катедри. По 7 години од пристигнувањето во Македонија, Климент на соборот одржан во Преслав (893 г.), предложен од владетелот Симеон, добил чин епископ и  светителствувал веројатно во Струмица (Тивериопол) до 906 година. Епископ Климент ја добил Величката епископија во 906 г. и како епископ велички останува до крајот на својот живот.

Во Македонија Климент развил активна дејност. Тој ги воспитувал христијаните, но голем дел од времето тој посветувал и за проповедање на Евангелието на незнбошците. Климент исто така, ги обучувал децата со словенската писменост. Забележително е дека, обучувајќи ги децата, тој можел истовремено и да чита и «да пишува книги». Најспособните од децата ги избирал за свои ученици. Тој им предавал и богословски знаења, подготвувајќи ги за ракоположување. «Опширното житие» говори дека општиот број на неговите ученици бил околу 3.500.

Во Охрид Климент основал манастир на свети Пантелејмон. Во последните години од животот, изморен од епископските задолженија, тој често престојувал во него. Првиот епископ словен за своја главна цел го сметал подготвувањето на местното свештенство за извршување на богослужбите на словенски јазик. Срдечно и ревностно, „не давајќи им одмор на своите очи,” ги исполнувал своите должности, не заборавајќи и за својот проповеднички повик.

Во «Краткото житие на Св. Климент» има нејасна фраза која до денес предизвикува спорови; имено, дека Климент «вешто изнашол други облици на буквите, за да ги направи поразбирливи од оние кои мудриот Кирил ги создаде». И со тие букви тој го «запишал целото Свето Писмо, и пофалните слсова, и житијата на мачениците и светите, и уште свештените химни». Дали Климент изнашол нов алфавит или само го упростил веќе постоечкиот? Ова прашање добива особено значење во врска со тоа, дека раните Црквено-словенски ракописи се напишани со две сосема различни видови писма – глаголица и кирилица. Глаголицата е – посложена, таа е сосема самостоен пронајдок. Кирилицата пак – е преработка на грчкиот алфавит со додавање на неколку нови знаци. Денес е општоприфатено мислењето дека глаголицата ја пронашол Кирил, а кирилицата е плод на трудот на учениците на Методиј. Затоа многу научници претпоставуваат дека автор на вториот словенски алфавит (кирилицата) би можел да биде Климент.

Во староста свети Климент сакал да ја остави епископската служба, на што се противел болгарскиот цар Симеон. Тогаш Климент се населил во Охрид, во манастирот на свети Пантелејмон, од каде што управувал со својата епархија. Таму тој и се упокоил во Господа, во 916 година, на 80-годишна возраст. Охрид, кого Климент го направил центар на словенското христијанство, неразделно е поврзан со неговото име. Бидејќи неговите свети мошти се чуваат во неговиот Охридски манастир и твореле и творат чуда, св. Климент е познат како „Охридски чудотворец.”

Свети Климент Охридски имал непроценливо голема улога во духовното преродување на словенството. Благодарение на него словените «влегле во бројот на големите народи кои Му вознесуваат фалба на Господа на својот роден јазик». Затоа рамноапостолниот епископ Охридски Климент се слави со особено голема почит, а оние што го почитуваат „се збогатуваат на небото со застапник и молитвеник пред Бога.”

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s